Телефонскиот разговор меѓу премиерите на Македонија и Грција, Димитар Ковачевски и Кирјакос Мицотакис, според портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, поминал во многу добра клима, но тактиката на официјална Атина за ратификацијата на трите Меморандуми со нашата земја, останува непроменета, јави дописничката на МИА од Атина.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали телефонскиот разговор на некој начин ќе влијае на ратификацијата, Иконому, на денешниот редовен брифинг, рече дека „не е променета тактиката, планот на Владата во однос на ратификацијата на Меморандумите”.

Ковачевски и Мицотакис во нивниот прв контакт, при телефонскиот разговор во понеделникот, според соопштенијата од нивните кабинети, се согласиле дека односите меѓу двете земји се на одлично ниво и дека ќе продолжи да се гради и зајакнува партнерството, ја констатирале взаемната волја за зајакнување на билатерални односи и билатералната соработка, со акцент на економскиот и трговскиот сектор и се договориле да се сретнат на маргините на Делфи Форумот во Грција на почетокот на април.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.