Сомнителни се сите околности кои довеле до ова исчезнување, како и изјавите на блиските роднини на девојчето, кои се контрадикторни, смета Игор Јуриќ, таткото на убиената Тијана Јуриќ, денес директор на Центарот за исчезнати и малтретирани деца во Србија коментирајќи го случајот со исчезнувањето на двегодишното девојче Данка Илиќ во Бањски Поле кај Бор.

Ова е многу специфичен случај, пред се поради возраста на детето, а имајќи предвид дека детето е целосно немоќно да направи нешто самостојно, тогаш се се сведува на околината и луѓето околу детето. Ми се чини дека таму нема човек кој е во близина, а да не е сомнителен. Не вперувам прст кон никого, туку објективно гледам на фактите кои се актуелни во моментот и кои укажуваат дека сомнежот мора да постои и постои поради сите тие факти, вели тој за „Танјуг“.

Јуриќ вели дека мотивираноста на луѓето и припадниците на МУП на терен е показател колку сериозно се работи на случајот и колку енергија и сила е вложена во решавањето на овој случај, но и дека при секое исчезнување суштинско е времето, а како што тоа минува се намалува можноста детето да се врати живо, поради што, додава, потребно е сите да се подготват за најлошите вести.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.