Половина од Грците, односно 51,6 отсто летово нема да заминат на годишен одмор, наспроти 45,3 отсто кои ќе одат на одмор, според резултатите од вториот дел од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Marc“ за грчката телевизија „Антена“, јави дописничката на МИА од Атина.

Од оние кои планираат одмор годинава, 6,5 отсто рекле дека ќе останат повеќе денови од лани, 16,5 проценти, помалку денови, а за 22,3 отсто од анкетираните, одморот ќе трае исто како и лани.

На прашањето каде ќе бидат сместени, 34,1 отсто го одбрале одговорот „во викендичка или на село“, 27,3 проценти ќе престојуваат во соби за изнајмување, а 23,4 отсто во хотел.

Првиот дел од истражувањето беше посветено на најголемите проблеми на Грците, на грчко- турските односи, како и на сценаријата за предвремени избори и рејтингот на партиите.

За 85,3 отсто од Грците, поскапувањата на цените предизвикуваат најголема загриженост, а во грчко- турските односи, 52,1 отсто одговориле дека е сигурно или веројатно можно во текот на летото да има некаков инцидент во Егејското море, а 45,3 проценти оцениле дека не е многу/воопшто веројатно.

Во однос на сценаријата за предвремени избори во земјата на есен, кои во изминатиот период се се погласни, речиси седум од десет (67,3 отсто) анкетирани оценуваат дека ќе се одржат на есен.

Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Marc“ за телевизијата „Антена“ било спроведено од 22 до 25 јуни со вклучени 1.059 лица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.