Холандија следната недела ќе го блокира обидот на Бугарија да се приклучи на безвизната Шенген зона на Европската унија. Холандија смета дека е „сè уште прерано“ за влез на Бугарија во Шенген зоната, рече вчера вицепремиерот Вопке Хоекстра по седницата на владата во Хаг и додаде дека холандската влада ќе се согласи со пристапувањето на Романија и Хрватска.

Романија и Бугарија чекаат повеќе од една деценија да бидат пуштени во Шенген. И покрај исполнувањето на сите технички критериуми, тие се соочија со отпор од некои членки бидејќи ЕУ постојано ги критикуваше поради судските реформи и владеењето на правото.

Холандскиот кабинет „ќе ја охрабри бугарската влада да продолжи со реформите и зајакнувањето на владеењето на правото, справувањето со корупцијата и борбата против организираниот криминал“, напиша Хоекстра во посебно писмо до парламентот.

Холандија „ќе побара од бугарската влада да покаже видливи и конкретни резултати, за да може да се увери дека граничните контроли се обезбедени“.

Двете земји се обидоа да добијат позитивно гласање од земјите-членки, заедно со Хрватска, со цел да се приклучат на Шенген на почетокот на следната година, но секоја одлука ќе треба да биде едногласна. Бугарската влада работи на постигнување полноправно членство со гласањето на 8 декември, рече минатата недела бугарскиот заменик-министер за надворешни работи Костадин Коџабашев.

ЕУ треба заедно да гласа за пристапот на Романија и Бугарија и одделно да одлучува за кандидатурата на Хрватска. Холандија побара од ЕУ да го раздвои гласањето за Романија и Бугарија, но барањето беше одбиено.

Гласањето за Бугарија и Романија можеби нема да се одржи бидејќи Австрија во моментов има закана со вето за овие две земји. Австрија се спротивстави на пристапувањето на двете земји поради зголемениот имиграциски притисок во последните месеци. Канцеларот Карл Нехамер треба да разговара за ова прашање со романскиот претседател Клаус Јоханис на состанокот на конзервативните европски лидери викендов во Грција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.