Поскапувањето на цените предизвикува најголема загриженост за 47 отсто од Грците.

Веднаш потоа е пандемијата со 24,2 проценти, а следат криминалот, националните прашања и миграцијата, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Marc“ за телевизијата „Антена“.

На политичката сцена, владејачката Нова демократија (НД) и понатаму е во предност пред опозициската СИРИЗА, со 10,5 отсто, а на прашањето каква Влада преферираат граѓаните, 26,9 проценти одговориле „еднопартиска Влада на НД“, 15,7 отсто би сакале „коалициска Влада СИРИЗА- Движење на промена (КИНАЛ)“, 11,1 процент „еднопартиска влада на СИРИЗА“, а седум отсто „технократска Влада со поддршка од НД, СИРИЗА и КИНАЛ“.

Во однос на популарноста на лидерите на политичките партии, најпопуларен е актуелниот премиер Кирјакос Мицотакис, зад него е новиот претседател на КИНАЛ Никос Андрулакис, а на третото место е лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас.

Истражувањето на агенцијата „Marc“ за телевизијата „Антена“ било спроведено од 8 до 12 февруари 2022 со анкетирани 1.037 граѓани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.