Сметаме дека во моментов бранот е во надолен тренд и веруваме дека ова ќе продолжи околу еден месец. Не покажува карактеристики дека во текот на летото ќе биде потребна промена на моделот што го следиме – истакна министерот за здравство на Грција Танос Плеврис во интервјуто за грчката телевизија ЕРТ, со што уште еднаш потенцира дека не се разгледува можноста за воведување ковид мерки во текот на летото.

Плеврис објасни дека конкретниот бран има целосно различни карактеристики од претходните и поради имунизацијата на населението, но и поради мутациите кои се поразлични и не носат тешки хоспитализации, додавајќи дека конкретниот модел што го следат, без мерки, не е поради туризмот, туку е нешто што го следат и другите европски земји.

Во овој момент влегуваме во фазата во која коегзистираме со корона вирусот не како прашање на избор, туку како реалност. Пандемијата влезе во фаза кога луѓето полесно се разболуваат, бидејќи постои голема раширеност, разболувањето, бидејќи имаме вакцинирана популација не се префрла на тешки хоспитализации како што беше во првата фаза, имаме и тешки хоспитализации, но ги немаме тешките што ги имавме со Делта и на почетокот на Омикрон каде имаше страшен притисок – изјави Плеврис.

Согласно седмичниот извештај на Националната организација за јавно здравје на Грција за ситуацијата со пандемијата во земјата, во периодот од 18 до 24 јули, се регистрирани 136.077 случаи на Ковид-19, а за една седмица починале 271 лице.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.