Грција нема да направи никаков потег што би ја загрозил воздушната одбрана на земјата, истакна портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, демантирајќи го натписот во „Фајненшл тајмс“ за испраќање противвоздушни ракетни системи С-300 во Украина. јави дописничката на МИА од Атина.
– Досега, во пракса ја покажавме нашата помош за Украина и украинскиот народ. И премиерот реализираше соодветна посета. Сепак, нема да се направи никаков потег, ова го појаснувам за да нема недоразбирање, што ќе ја загрози, па дури и најмалку, способноста за одвраќање или воздушната одбрана на нашата земја. Многупати демантиравме. И денеска одговарам категорично, рече Маринакис.
„Фајненшл тајмс“ објави дека Грција и Шпанија се под притисок од сојузници во ЕУ и НАТО да обезбедат системи за противвоздушна одбрана на Украина, а европските лидери лично ги повикале грчкиот и шпанскиот премиер Киријакос Мицотакис и Педро Санчез за време на Самитот во Брисел минатата недела да достават С-300 во Украина.
Ова е втор пат во период од два месеци медиумите да пишуваат за сценариото Грција да испрати противвоздушни ракетни системи С-300 за Украина.
И на почетокот на февруари, исто како и сега, Маринакис категорично демантираше.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.