Грчката полиција, во соработка со израелските власти разби меѓународна криминална организација, која од земји од Западна Европа, во Грција внесувала дрога, по што по морски пат ја пренесувала во Израел, а уапсени се осуммина странски државјани и запленети над 130 килограми дрога, додека незаконската финансиска корист се проценува на над 2,5 милиони евра, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчката полиција соопштија дека во понеделникот на подрачјето на градот Волос била спроведена организирана полициска акција што траела до утринските часови во вчера, на која и претходела темелна истрага, од која произлегло дека членовите формирале криминална организација, со континуирана и структурирана активност и различни улоги.

Поконкретно, членовите на организацијата набавувале наркотични средства од земји од западна Европа, ги криеле во кампинг возила, со цел да ги транспортираат и внесат на грчка територија. Наркотиците потоа биле префрлени во чамец, поконкретно во канти, а крајната дестинација бил Израел, соопштија од грчката полиција.

Од уапсените осум лица, секој имал посебна улога, еден 44-годишен бил водач на групата и одговорен за координација и планирање на нелегалните дејствија, како и за регрутирање членови, пронаоѓање дрога и транспортирање и доставување до Израел, тројца од уапсените биле задолжени за прием на дрогата во Грција и да го координираат транспортот до Израел за што изнајмиле чамец, додека пак останатите четворица биле надлежни за преземање на дрогата во странство и со кампинг возила внесување во Грција преку Бугарија.

Во криминалната организација имало и други, засега непознати членови, кои биле дел од екипажот на едрилицата, задолжени да ја преземат дрогата во Грција и да ја транспортираат по морски пат до Израел.

– Незаконската финансиска придобивка на криминалната организација, имајќи ја предвид нејзината професионална инфраструктура, континуирано дејствување и географската распространетост, се проценува дека надминува 2.500.000 евра, соопштија од грчката полиција.

Додадоа дека уапсените биле спроведени во надлежното обвинителство, а истрагата за идентификација и апсење на останатите членови продолжува.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.