Во ситуација на влошена безбедносна состојба апелираме граѓаните да ги користат летовите за евакуација од Израел, затоа што не знаеме кога ќе бидеме во прилика да го организираме следниот лет и со која динамика ќе биде тоа, порача Амбасадорката на Црна Гора во земјава Марија Петровиќ, по пристигнувањето на авионот од Тел Авив со патниците кои се пријавија на повикот за евакуација од Израел.
Петровиќ изрази благодарност до македонската Влада и МНР за, како што рече, исклучителната соработка.
Во овие тешки моменти нашето пријателство се продлабочува и заедно покажуваме и хуманост и грижа за нашите граѓани. Ова се тешки моменти и сите ние сме секогаш тука за нашите граѓани, изјави Петровиќ.
Организирањето на овие летови, посочи Петровиќ е особено тешко, и како што рече, граѓаните треба да бидат свесни, дека владите преземаат се што е во нивна моќ.
Постојат и финансиски и безбедносни ризици и нашите граѓани треба да бидат свесни за тоа. Нашите влади прават се што можат. И црногорските и македонските дипломатско-конзуларни претставништва и сите ние даваме се што можеме во овие моменти, изјави Петровиќ.
Прашана за бројот на црногорски граѓани, кои се уште чекаат да бидат евакуирани од Израел, Петровиќ, рече дека се уште не се знае точната бројка.
Знаете како, луѓето размислуваат од денеска за утре. Се пријавуваат дека ќе дојдат, потоа се откажуваат. Сметаат дека безбедносната состојба е подобрена и тој број не е конечен. Се уште не знаеме. Уште еднаш ќе упатам апел да се користат овие летови кои ги организираме и да се вратат додека ситуацијата не се смири, изјави Петровиќ.
Црна Гора, посочи таа, веќе организираше еден лет за евакуација, на кој беа и државјани на Македонија и од регионот.
Се надевам дека во следниот период ќе успееме сите наши граѓани да го вратиме безбедно, изјави Петровиќ.
Македонската Влада денеска организираше бесплатен авионски превоз за граѓаните кои побараа помош и евакуација од Израел, со чартер лет во соработка со „Air Serbia“од аеродромот Бен Гурион во Тел Авив, до аеродромот во Скопје. Како што соопшти вчера Владата трошоците за летот ќе бидат покриени од Буџетот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.