Косовската полиција изведе акција во населбата „Три облакодери“ во Cеверна Митровица, при што запленила нелегална опрема за производство на дрога и криптовалути, како и муниција и шок-бомби, јави дописникот на МИА од Приштина.

Заменикот директор на полицијата на Косово за северниот регион, Ветон Елшани изјави за медиумите дека акцијата е спроведена по добиени информации за нелегално производство и трговија со наркотични средства.

По дојавите добиени од Секторот за борба против наркотиците – Cеверна Митровица, во соработка со Регионалната управа Север, извршена е контрола во стан на улицата „Колашин“… Во станот, кој е користен од лицето С.М. – пронајдени се и конфискувани 60 графички картички, машини „Антминер С9“, 13 вентилатори, електрични лампи за лабораторија, 51 куршум и осум модифицирани шок-бомби, информира Елшани.

Според Елшани, осомничениот не се наоѓал на местото на настанот во времето кога е изведена акцијата.

Медиумите во Приштина потсетуваат дека ова не е прв пат полицијата на Косово да преземе акција против дрога, или против криптовалутите во општините во северно Косово.

Во февруари минатата година полицијата откри три лаборатории за дрога во Cеверна Митровица, а во мај уништи две лаборатории во Ивор, во близина на границата со Србија, каде што беа откриени големи количества садници марихуана. Во април истата година беше уништена лабораторија за дрога во Звечан, при што беа уапсени четворица косовски Срби.

Неколку акции минатата година косовската полиција изведе на територијата на целата држава, вклучително и северот, против ископувањето на криптовалути, откако го забрани нивното производство поради енормниот трошок на електрична енергија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.