Бродовите се закотвени во грчките пристаништа, а железничките услуги се стопирани денеска бидејќи транспортните работници штрајкуваат и бараат повисоки плати за да се справат со зголемените животни трошоци. Дури и автобусите и таксистите денеска не работат, па многу патишта во центарот на Атина се пренатрупани бидејќи жителите сами се возат на работа.

Возачите се приклучија на 24-часовниот штрајк на најголемиот синдикат на грчкиот приватен сектор, ГСЕЕ, кој вели дека платите на транспортните работници сè уште заостануваат зад оние на нивните европски колеги. Грција овој месец ја зголеми месечната минимална бруто плата за 6,4 отсто на 830 евра, што е четврто такво зголемување во последните пет години, додека земјата закрепнува од децениската финансиска криза.

Но, работниците велат дека тоа зголемување не е доволно за да бидат во чекор со зголемените трошоци за храна и домување.

„Пораката е јасна. Работниците не можат да врзат крај со крај додека земаат најниски плати, а цените вртоглаво растат“, се вели во соопштението на ГСЕЕ, синдикат кој претставува околу 2,5 милиони работници.

Конзервативната влада на премиерот Киријакос Мицотакис, која победи на реизборот минатиот јуни, вети дека ќе ја зголеми месечната минимална плата на 950 евра до 2027 година, кога завршува нејзиниот мандат, и дека ќе ја зголеми просечната плата за повеќе од 25 отсто, на 1.500 евра, до истиот рок.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.