Министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала-Шварц на вечерашната седница на Советот за безбедност на ОН во Њујорк му рекла на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ дека разбира зошто е лут и дека знае зошто го користи јазикот од 90-тите.

„Денеска само покажа зошто луѓето во Србија те нарекуваа „мал Слобо“, „мал Милошевиќ“, поради твојот идол. Разбирам дека си лут, го знам јазикот од тоа време“, рече таа.

Додаде дека му е тешко „него и сличните“ да им објаснат на своите граѓани дека го изгубиле Косово во 1999 година и „треба да ја задржите таа реторика“, рече Гервала.

Откако Дачиќ го спомна нејзиниот татко, таа рече дека убиството на нејзиниот татко во 1982 година, писател и новинар кој со ненасилни методи се ангажираше за независноста на Косово, е одговорност на УДБА, која, како што рече, била контролирана од кадри од Србија.

Советот за безбедност на ОН расправа за новиот, шестмесечен извештај на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за работата на Мисијата на ОН на Косово (УНМИК).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.