Пратеничката на Српската напредна партија, Марина Рагуш, обелодени досега непознат извештај на Советот на Европа (СЕ), во кој, покрај страшните последици од нападите на НАТО врз Србија, се посочува и дека бомбардирањето на СРЈ во 1999 година загадило и седум европски земји.

Станува збор за извештај на СЕ, кој бил усвоен од Парламентарното собрание на Советот на Европа на 24 јануари 2001 година, но кој, од непознати причини, останал непознат цели 23 години.

Во него се наведуваат сериозните последици од воените дејства на НАТО врз животната средина не само во Србија туку и во земјите на Југоисточна Европа – Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Унгарија, Романија и Украина.

Собранието со загриженост го констатира сериозното влијание врз животната средина на воените операции извршени од НАТО против СРЈ во периодот од 24 март до 5 јуни 1999 година, а штетите се прошириле и во неколку други земји во Југоисточна Европа и ќе имаат долгорочни ефекти врз здравјето и квалитетот на животот на луѓето“, се наведува во извештајот за влијанието на војната во СРЈ врз животната средина во Југоисточна Европа.

Рагуш вели дека околните земји го повикале СЕ да направи анализа бидејќи утврдиле дека нивото на штетни материи опасни за животот на сите живи организми е многукратно зголемено. Утврдено е дека преносот на загадувачите по воздушен, речен и копнен пат ја зафатил цела Југоисточна Европа.

Напорите на воздушните сили на НАТО да ги уништат индустриските локации и инфраструктурата предизвикаа опасните материи да ги загадат воздухот, водата и копното. Овие супстанции ќе имаат трајно влијание врз здравјето и квалитетот на животот на луѓето од засегнатите земји. Конкретно, употребата на муниција со осиромашен ураниум, веројатно, ќе ја зголеми појавата на рак и вродени болести меѓу жителите на погодените области, како и меѓу членовите на вооружените сили што служат во овие области“, се наведува во извештајот.

Во него исто така се посочува дека бомбардирањето на еколошки опасните објекти претставува „флагрантно кршење на правилата за заштита на животната средина утврдени со дополнителниот протокол на Женевската конвенција“.

Вкупното количество убојни средства што ги употребил НАТО се проценува на 22.000 до 79.000 тони, со кои биле погодени 78 индустриски локации и 42 енергетски инсталации, но и најмалку 13 национални паркови и природни резервати, како Тара, Копаоник, Фрушка Гора и Шар Планина.

Според извештајот, бомбардирањето ги изложило екосистемите, површинските води, подземните води, земјата и воздухот на Балканот на невидена контаминација со повеќе од сто токсични материи.

Посебен дел од извештајот е посветен на употребата на осиромашен ураниум. НАТО потврди дека употребил околу 31.000 бојни глави со вкупно оптоварување од 10 тони осиромашен ураниум.

Честичките ураниум оксид, кои се ослободуваат по експлозијата, се разнесуваат со помош на ветрот и се таложат на почвата и вегетацијата. Клучниот проблем е што овие честички е невозможно да се неутрализираат или да се отстранат.

Покрај радиоактивните ефекти, ураниумот е многу токсичен и силен канцероген и мутаген, ги уништува хромозомите и предизвикува сериозни нарушувања во репродуктивниот систем.

Беше многу предвидливо дека воената акција ќе има сериозни еколошки последици, кои станаа сосем очигледни уште од самиот почеток, така што може да се претпостави дека еколошката штета предизвикана од НАТО била намерна“, се наведува во извештајот.

Во извештајот на СЕ се наведува и дека до слични податоци дошле и експертите на ОН, кои составиле свој, исто така многу добро документиран извештај.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.