Портпаролот на мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, полковникот Андреа Галиени изјави дека мисијата нема испратено засилување на косовскиот север, по нападот врз полицијата на 24 септември во Бањска, кај Звечане, каде што еден полицаец беше убиен, двајца беа ранети, а тројца од групата од над 30 напаѓачи беа убиени, јави дописникот на МИА од Приштина.

Галиени за телевизијата АБЦ Њуз (ABC News) рече дека единиците на КФОР се посконцентрирани само во почувствителните области.

Нема засилување, војниците на КФОР се посконцентрирани само во почувствителните области, изјави Галиени.

Косовската полиција беше нападната од маскирана и вооружена група додека органите на редот се обидуваа да ги отстранат барикадите што беа поставени на патот во селото Бањске кај Звечане – една од четирите општини на север, населена со мнозинско српско население.

За настаните во Бањска во моментов се уапсени четири лица, а полицијата на 25 септември изложи оружје и друга опрема за која тврди дека биле одземени во тоа село. Вредноста на запленетата опрема, според министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, изнесува над пет милиони евра.

Косово ја обвини Србија како одговорна за нападот, додека официјален Белград тврди дека дошло до побуна на локалното српско население, кое е незадоволно од односот на властите во Приштина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.