Советот за безбедност на Обединетите нации, со жестоко противење од Русија, ја отфрли расправата за 25 годишницата од почетокот на НАТО бомбардирањето на СР Југославија, откако за дневниот ред не гласаа доволен број амбасадори на земјите членки, јави дописникот на МИА од Белград.
-Тројца членови на Советот за безбедност гласаа за предлогот за дискусија, предложен од Русија, додека останатите 12 беа воздржани, соопшти РТС, додавајќи дека на гласањето му претходела долга дискусија меѓу амбасадорите на Русија и Франција, Василиј Небензја и Николас де Ривиер, кои искажаа спротивставени ставови за потребата пред ова тело да се разговара за бомбардирањето на НАТО во 1999 година на СРЈ.
-Русија ова го предложи без консултации со Србија, која беше ставена пред свршен чин. Им кажав на српските дипломати дека ваква седница нема да се одржи… Го поканувам претставникот на Руската Федерација, да речеме, утре да одржи ваква расправа во арија формат, рече францускиот амбасадор.
„Арија формула“ е неформален формат на состаноци на Советот за безбедност, создаден за време на војните во поранешна Југославија, кој не претпоставува редовни процедури и присуство на сите земји-членки на ова тело.
Рускиот амбасадор кажа дека е јасно оти одреден број земји-членки се противат на таква дискусија, оти „НАТО агресијата започна под лажен изговор“, поради што ова прашање „не е поврзано со историјата, туку со работите што се случуваат во Косово дури и сега”.
Небезја изјави дека овој состанок е во програмата за работа за март, која е достапна за сите, но дека Франција дури денеска ја доведе во прашање оваа точка на дневниот ред.
-Историјата треба да ја оставиме на историчарите, а правдата на трибуналите… Треба внимателно да го користиме времето на овој совет, рече францускиот амбасадор, пренесува РТС.
Претседателот на Советот за безбедност, јапонскиот амбасадор, рече дека за „рускиот предлог-да се одржи брифинг за ова прашање подоцна денеска ќе се одлучува дополнително“.
На почетокот на март Русија предложи одржување на седница на Советот за безбедност на Обединетите нации посветена на 25-годишнината од НАТО бомбардирањето на Сојузна Република Југославија, а Јапонија како претседавач со Советот за безбедност ја поддржа таа иницијатива и ја закажа седницата
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.