Државниот секретар за европски прашања на Франција, Клеман Бон, одговори на некои од дилемите околу францускиот предлог за преговарачката рамка, но не навлезе во детали за да не ги загрози преговорите, јави дописничката на МИА од Брисел.

На прашање на МИА за време на денешната прес конференција по Советот за општи работи дека францускиот предлог внесе билатерални македонско-бугарски прашања во преговарачката рамка, Клеман Бон се огради од ставот дека францускиот предлог е спротивен на македонските интереси, но истакна дека треба да се земат предвид бугарските преокупации на внимателен начин.

-Држевме до принципот, во контакт со Европската Комисија и нашите европски партнери, дека преговарачката рамка не е место за чисто билатерални преговори. Мора да се констатира дека има билатерална блокада со месеци. Внимателно и со баланс, но отфрлам дека ова би било против интересите на Македонија, напротив, во контакт и со Скопје, преку информациите од билатералните дискусии меѓу Скопје и Софија, но и преку директни контакти што ги имавме, што Европската Комисија ги имаше со двете страни, велам дека има некои теми кои немаат директно билатерален карактер, но ги засегаат преокупациите на Бугарија во нејзиниот однос со Македонија, во преговарачката рамка, на внимателен и ограничен начин, изјави Бон.

Тој повеќепати истакна дека не сака да дава детали затоа што преговорите сѐ уште траат и не сака да ги загрози.

-Многу земји членки потсетија на секој чекор, и оправдано, дека преговарачката рамка не е местото каде се третираат сите билатерални прашања. Има преокупации кои можат да имаат трансверзален карактер и кои ги интегрираме во преговарачката рамка на таргетиран начин. Тоа е калибирирањето што се обидуваме да го најдеме, тоа е срцето на темата, тоа таргетирање, во дух на баланс и правичност, додаде францускиот државен секретар за Европа.

Бон истакна дека правилото во преговорите со ЕУ е дека секоја етапа се отвора со едногласност на сите држави членки.

-Да потсетам, внимателно, дека генералното правило за секоја земја кандидат и земја членка, е дека секоја етапа се отвора едногласно, прашањето е како се формулира тоа, ова има конкретен но и симболичен карактер, не сакам да навлегувам во детали бидејќи постои ризик за преговорите, додаде Бон.

Францускиот државен секретар и претседавач со денешниот состанок истакна дека ги поздравува напорите на Скопје и Софија во последниот период да изнајдат решение.

-Целта е да се отворат преговорите, за прв пат видовме добра волја, рече Бон коментирајќи ја бурната политичка сцена во Софија, каде повторните превирања можат да го загрозат процесот до крајот на неделава.

Имено владата на Кирил Петков се соочува со гласање на недоверба од страна на пратениците на ГЕРБ, а не се знае сѐ уште ниту дали Петков или претседателот Румен Радев ќе ја застапуваат Бугарија на претстојниот ЕУ самит.

Потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, од своја страна, истакна дека е важно да започнат преговорите со Албанија и Македонија како знак дека политиката на проширување на ЕУ е жива.

-Тоа би отворило сосема ново поглавје во нашиот однос со Западниот Балкан затоа што проширувањето ќе стане поопипливо, ќе влеземе во конкретни преговори. Албанија и Македонија се познати како многу подготвени, и сметаме многу на последните недели од француското претседателство, ги поддржуваме нивните напори, сакаме да ја направиме ЕУ перспективата за Западен Балкан опиплива.

Запрашан за учеството на премиерите на Албанија и Македонија и претседателот на Србија на претстојната Конференција за Западен Балкан, за која тројцата треба да донесат одлука дали ќе допатуваат во Брисел, францускиот државен секретар рече дека се надева дека што повеќе учесници ќе бидат дел од неа



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.