Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која од Скопје замина во Приштина во рамки на нејзината балканска турнеја, порача дека Косово треба да го прифати нацртот за Заедницата на општини со Српско мнозинство, додека Србија мора да прифати де факто признавање на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
На заедничката конференција со косовската претседателка, Вјоса Османи, по нивната средба во претседателскиот кабинет, фон дер Лајен рече дека дијалогот меѓу Косово и Србија е единствениот пат на двете земји кон напредокот.
Имаме нов инвестициски план и тој функционира многу добро. Ако функционира за земјите-членки на ЕУ, ќе функционира и за земјите од Западен Балкан. Овој план има потенцијал да го удвои вашиот приход во рок од една деценија. Сите овие успеси можат да се постигнат само доколку Косово и Србија ги нормализираат односите. Косово мора да го прифати нацртот за Заедницата, додека Србија мора да прифати де факто признавање. Ова е единствениот начин да се оди напред, изјави фон дер Лајен.
По средбата со Османи, фон дер Лајен беше примена од премиерот Албин Курти.
Претседателката на Европската комисија, која вчера во Скопје ја почна својата четиридневна турнеја низ Западен Балкан, по престојот во Косово, ќе ги посети и Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина.
Како што е најавено од Брисел, за време на посетата на главните градови на Западен Балкан, фон дер Лајен ќе ја претстави Инвестициската рамка за Западен Балкан, која е заедничка иницијатива на Европската Унија, финансиските институции и донаторите, насочена кон социо-економскиот развој и европската перспектива на земјите на Западен Балкан.
Инвестицискиот пакет планиран од Унијата за развој на регионот изнесува шест милијарди евра, од кои 2,1 милијарди евра грантови и четири милијарди евра кредити, со тоа што оваа помош за регионот ќе биде условена од степенот на спроведените реформи во секоја од земјите одделно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.