Единствено што доби Бугарија од „францускиот предлог“ за деблокирање на евроинтеграцијата на Македонија е вклучување на Бугарите во Уставот на земјата пред почетокот на преговорите по кластери, а не како што сакаше Скопје пред завршувањето на преговарачкиот процес за членство, оценува бугарскиот портал „Факти.бг“ во коментар посветен на стартот на преговорите на земјава со ЕУ.

Според авторот на коментарот, освен ова, Бугарија не успеала да го заштити нејзиниот став за македонскиот јазик, а не добила ни доволно гаранции за спроведување на барањата поврзани со имплементација на Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година.

Како тогаш можеме да претпоставиме дека предлогот е добро за нас? Де факто, овој предлог е „мачка во вреќа“ и само крајно неодговорните национал-нихилисти можат врз основа на достапните информации да тврдат дека е добар, оценува „Факти.бг“.

Според порталот, чиста манипулација на претставниците на властите во Софија е тврдењето дека со „францускиот предлог“ се заштитени бугарските интереси „со преседанот меѓудржавни билатерални односи да бидат вклучени во европска рамка за преговарачки процес“.

Но, вистината е дека нашите интереси воопшто не се заштитени во целост, бидејќи нема експлицитно вклучување на сите барања од протоколот 4+1, туку реално само на две од нив – за вклучување на Бугарите во Уставот на Република Македонија и за ограничување на јазикот на омраза и дискриминација (без прецизирање). Проблемот со одбивањето на Скопје да ја објективизира историјата и да престане со фалсификатите, менување на учебниците и таблите и рехабилитацијата на жртвите на комунизмот не се експлицитно споменати. Во однос на јазикот, предвидено е потпишување на некои еднострани декларации, кои се јасно во мултиперспективна насока, бидејќи во спротивно тоа би била една заедничка декларација, која не би било во наш интерес, заклучува „Факти“.

Според порталот, не се точни ниту тврдењата на бугарските власти дека „пристапните преговори може да бидат прекинат во секој момент, доколку се утврди неисполнување на договорот“.

Теоретски, можеме да ставиме вето на секое поглавје од преговорите, доколку ги имаме потребните аргументи. Сепак, повеќето поглавја – Царинска унија, Економска унија, Социјална политика, Енергетика, Земјоделство, Статистика, Рибарство, Животна средина, Финансиска контрола итн.- немаат никаква врска со нашите барања, се додава во текстот.

Според авторот на коментарот, во пракса, само мал дел од бугарските услови, но дури и тоа не е сигурно, ќе може да бидат опфатени само во поглавјата Образование и култура, Регионална политика, Надворешни односи и Фундаментални вредности.

Но, нема да можеме да бараме ништо конкретно или суштинско во текот на преговорите ако нашите барања во нивниот целосен обем не се експлицитно вклучени во преговарачката рамка, се заклучува во коментарот на „Факти.бг“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.