Европскиот парламент повторно повика на воведување санкции против претседателот на Република Српска Милорад Додик и другите „дестабилизирачки актери“ во Босна и Херцеговина.

Ова се наведува во Резолуцијата на Европскиот парламент за спроведување на заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија во 2023 година, која денеска беше усвоена со мнозинство гласови.

Со оваа Резолуција европратениците ја поздравуваат препораката на Европската комисија пристапните преговори со Босна и Херцеговина да бидат отворени веднаш штом ќе се постигне потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство.

„Европскиот парламент ги охрабрува политичките лидери на таа земја да спроведат сеопфатен пакет реформи, вклучително и изборни реформи, во согласност со одлуките на домашните и меѓународните судови за да се обезбедат принципите на еднаквост и недискриминација за сите граѓани и конститутивни народи, како што е наведено во нејзиниот устав и со голема почит кон пресудите на домашните и меѓународните судови, вклучувајќи ги и сите пресуди на Европскиот суд за човекови права во врска со Босна и Херцеговина“ стои во Резолуцијата.

„Европскиот парламент најостро ја осудува секоја разорувачка и сецесионистичка реторика која дополнително придонесува за поголема ранливост на земјата и нагласува дека статусот на земја кандидат е можност и обврска на избраните претставници на БиХ да ги исполнат очекувањата на граѓаните и да го подобрат секојдневниот живот на обичните луѓе“, се додава во втората, комплементарна Резолуција за надворешна и одбранбена политика, која исто така беше усвоена.

Пратениците во неа го поздравуваат договорот за продолжување на мандатот на силите на ЕУ во операцијата Алтеа, укажуваат на досегашната поддршка на ЕУ од 20 милиони евра од Европскиот инструмент за мировна помош за поддршка на градењето капацитети на вооружените сили на Босна и Херцеговина, повикуваат на зајакнување на мисијата Алтеа „првенствено со распоредување дополнителни единици и ресурси и со обезбедување веродостојно присуство во областа Брчко“ и ги повикуваат властите во земјата да работат на формирање мултиетнички единици на вооружените сили на Босна и Херцеговина.

Парламентот на ЕУ наведува дека Косово, како и дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ, е „загрозен од дестабилизација“ и потсетува дека операцијата ЕУФОР/Алтеа има „клучна улога за безбедноста и стабилноста на Босна и Херцеговина и регионот“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.