Европската Унија очекува Косово веднаш да ги прекине полициските операции во близина на општинските згради на северот на Косово и предупредува дека последиците од неуспехот да се смири ситуацијата ќе бидат негативни. ЕУ исто така е подготвена да спроведе решителни мерки, пишува во соопштението на 27-те земји-членки на ЕУ.

Очекуваме Косово да постапи на начин што нема да ескалира и веднаш да ги прекине полициските операции во близина на општинските згради на северот на Косово, се вели во соопштението.

Во него се додава дека новоизбраните градоначалници привремено треба привремено да ги извршуваат своите должности во други простории надвор од општинските згради, и што е можно поскоро да се распишат предвремени избори.

Очекуваме учество на косовските Срби на овие избори, се вели во изјавата што портпаролот на ЕУ Петер Стано ја објави на Твитер.

Предвремените избори треба што поскоро да се распишат во сите четири општини, наведува ЕУ и додава дека очекува на тие избори да учествуваат косовските Срби.

ЕУ изразува загриженост најмногу поради борбената готовност на српската војска и очекува од Косово и од Србија да се однесуваат одговорно и веднаш да се свртат кон дијалогот со посредство на Унијата кој што гарантира безбедност, сигурност и партиципативна демократија за сите граѓани, а истовремено го отвора патот за спроведување на Договорот за нормализација и неговиот анекс. Тоа вклучува почеток на работата за формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО) без натамошно одлагање или предуслови.

Ги повикуваме и Косово и Србија веднаш и безусловно да преземат мерки за деескалација, да престанат да ја користат реториката на поделба и да се воздржат од какви било дополнителни некоординирани мерки. Итно треба повторно да се воспостави мир”, се наведува во соопштението.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.