Шефот на дипломатијата предупреди дека на Косово му се заканува нова опасна ескалација и истакна дека најмалку конструктивен во разговорите денес во Брисел се покажал косовскиот премиер, Албин Курти.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти денеска беа повикани на итен состанок, ден пред да стапат во сила казните за регистарските таблици на Србите на Косово. Но состанокот не донесе резултати.

Шефот на ЕУ дипломатијата кој од осум часот утрово води билатерални дискусии со двете страни конечно попладнево кусо се обрати пред новинарите со лоши вести: договор нема, а ситуацијата на терен е многу кревка.

-Одиме од кризна ситуација во кризна ситуација од август, овој итен состанок се одржува само три месеца од последната кризна средба и сега ситуацијата е дури полоши од август, порача Борел.

Спорот околу издавањето на регистарски таблици за Србите на Косово беше срцето на денешните преговори. Косово бара Србија да престане да издава “КМ таблици“, со што денеска се согласила Србија, изјави српскиот претседател.

Но истовремено ЕУ бара од Косово да не ги казнува оние кои не ги смениле таблиците. Оваа мерка стапува на сила утре. Поради оваа косовска одлука, српските полицајци, судии и вработени во јавната администрација на Косово дадоа откази, што остава институционален вакуум кој може да биде опасен за стабилноста, особено со оглед на тоа дека албанските Косовари немаат доволно персонал да го пополнат вакуумот.

Според изјави дадени денеска Курти не се согласил да не се препишуваат казни за таблиците од утре.

Борел предупреди дека постои голем и сериозен ризик од насилна ескалација во наредните денови.

-На маса ставивме предлог за да се избегне овој ризик, Вучиќ го прифати, но Курти не, рече Борел.

За да се спречи ескалација се бара Косово веднаш да ги суспендира сите чекори поврзани за регистрацијата на таблиците на северот на Косово.

-Ова би оставило време и простор да се дојде до одржливо решение за регистрацијата на таблиците, непостигнувањето на договор значи дека треба да ги извлечеме поуките за начинот на кој се водат овие преговори, рече Борел.

Тој најави дека ќе ги информира министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ за денешните неуспешни преговори и за “однесувањето на страните, за непочитувањето на меѓународните законски обврски, посебно од страна на Косово“, додаде шефот на ЕУ дипломатијата



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.