Мислам дека треба да го заборавиме наративот дека Косово е Србија и да преминеме на наративот дека Косово и Србија се всушност Европа, изјави денеска специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Во интервју за Н1, тој рече дека Србија и Косово имаат заедничка иднина која „многу брзо се оддалечува од проблемите на деведесеттите“ и се приближува до 21 век, во кој Западен Балкан ќе стане „генератор на раст за целиот европски континент“.

Тој посочи дека реалноста е дека регионот ќе се поврзе преку економски договори, како што е Отворениот Балкан. „На крајот, сигурно ќе имате добри односи со Косово, Албанија, Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина“, рече Ескобар. Тој изјави дека Србите од Косово имаат „двојно државјанство, Србија и Косово“ и дека во таа смисла нивните права мора да бидат заштитени „од двете страни“.

Тој посочи дека како граѓани на Србија имаат право да гласаат и да учествуваат во економскиот и културниот живот на Србија и дека како граѓани на Косово имаат право на заштита на косовските институции. Тој додаде дека постои голема загриженост во меѓународната заедница за потенцијална ескалација на насилството поради мерките што ги спроведува владата на Косово.

По разговорите со претседателот на Србија Александар Вучиќ и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Мирослав Лајчак, Ескобар денес на новинарите им кажа дека неговата надеж е дека Србите на северот на Косово „нема суштински да станат гости во својата земја“, дека „ќе бидат признати како легитимни државјани и на Србија и на Косово“ и дека „ќе продолжат мирно да живеат“.

„Тоа е мое очекување и моја надеж. Уверен сум дека тоа можеме да го постигнеме“, кажа Ескобар, заменик помошникот на американскиот државен секретар, околу спорот на Белград и Приштина околу мерките на косовската влада за регистарските таблички и личните документи.

Наведе дека тој и Лајчак на секој состанок со косовските функционери во Приштина неделава укажувале на неопходноста на примената на сите потпишани договори во бриселскиот дијалог.

„Сите елементи на дијалогот мора да бидат применети, вклучувајќи го формирањето на Заедницата на српски општини. Тоа е пораката која веќе јасно ѝ ја пренесовме на косовската влада оваа недела во Приштина и при неодамнешната посета на премиерот (Аљбин) Курти и претседателката (Вјоса) Османи на Вашингтон“, додаде американскиот дипломат.

Ескобар кажа дека „нема рокови“ за формирањето на Заедницата на српски општини, но додаде дека САД очекуваат за тоа „многу скоро да се разговара во рамки на дијалогот“.

„Тоа не значи дека мора да се постигне договор, туку да се разговара за ЗСО, за можните модалитети на примена“, наведе.

Тој повеќе пати повтори дека САД не се дел од дијалогот, но дека силно го поддржуваат бидејќи „веруваат дека тоа е каналот за доаѓање до сеопфатен договор за нормализација на односите кој ќе ја отклучи европската иднина на двете земји“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.