На прашањето кој е виновен за тешката енергетска ситуација во Европа и како да се надмине таа ситуација, Ердоган рече дека Турција секогаш водела балансирана политика кон Русија и Украина и ќе продолжи да го прави тоа, пренесува Танјуг.

„Не морам да споменувам имиња, но има неколку земји на Запад за кои мислиме дека нивниот пристап не е точен. Тие водат политика заснована на провокации. Кога водите политика на провокација, не можете да постигнете резултати. “ рече турскиот претседател во резиденцијата на српскиот претседател на прес-конференција во рамки на тридневната посета на регионот.

Според него, грешат оние кои ја потценуваат Русија. „Русија престана да испорачува гас и цената на гасот се зголеми, а сега сите се обидуваат да најдат начини да ја преживеат зимата. Русија има важен адут во своите раце, и никој претходно не размислуваше за тоа, предупреди Ердоган.

Според него, не може да се именува победник од таа војна бидејќи нема, има само голем број губитници. Тој рече и дека не гледа како е можно војната наскоро да заврши. Турскиот претседател рече дека не се гледаат резултати од приказните на оние кои велат дека со голема сума пари ја поддржале Украина.

Во врска со испораката на муниција и оружје, Ердоган рече дека тоа се остатоци кои Западот ги испраќа. Тој изрази надеж дека ќе се дојде до решение и војната ќе заврши, а по нејзиниот крај светот повторно ќе живее во мир.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.