Заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани изјави дека по првата недела од декември во Косово повеќе нема да има автомобили со нелегални регистарски таблички издадени од Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во вчерашното интервју за косовскиот портал на српски јазик КоССев, Елшани вели дека не може да гарантира дека повеќе нема да има, како досега, палење автомобили од страна на криминални групи, меѓутоа автомобили со ознаката КМ (Косово и Метохија) и со српските кирилични кратенки за косовските градови сигурно повеќе нема да постојат во северниот дел на земјата.
Полицијата не може да гарантира дека по истекот на рокот за регистрација нема да има палење автомобили, но можеме да гарантираме дека по првата недела од декември возилата со регистарски таблички КМ (Косовска Митровица), ПР (Приштина), ПЗ (Призрен), ГЛ (Гњилане), УР (Урошевац)… ќе ги нема на патиштата во северно Косово, рече Елшани.
Тој информира дека имало интерес кај сопствениците на автомобили да ги регистрираат истите со регистарски таблички РКС (Република Косово) и дека таквото барање го пренеле до Министерството за внатрешни работи и Владата на Косово.
Побаравме од МВР да го препрати нашето барање до Владата, бидејќи знаевме дека таа мора да ја донесе таа одлука за луѓето да имаат уште една можност да ги регистрираат своите автомобили. МВР го одобри нашето барање и донесена е одлука на Владата на Косово да се врши бесплатна пререгистрација од 1 до 30 ноември, изјави Елшани за КоССев.
Тој нагласи дека доколку на пат се види автомобил со регистарски таблички КМ, табличките ќе бидат одземени, а доколку биде фатен по втор пат, автомобилот ќе биде одземен.
По истекот на рокот за регистрација, Елшани рече дека сопствениците на автомобили кои не ги поминале регистарските таблички на РКС ќе бидат казнети како да се нерегистрирани.
Од почетокот на процесот, според Елшани, повеќе од 2.800 автомобили се префрлиле од регистарски таблички KM на РКС.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.