Албанскиот премиер Еди Рама, одговори на реакцијата на бугарското Министерство за надворешни работи, на неговата изјава на безбедносниот форум во словенечкиот град Блед, велејќи дека го кажал истото и во јуни и оти реакцијата „најсериозно е неприфатлива“.
Ако Министерството за надворешни работи на Бугарија немаше ништо поважно денес од јавна изјава за нешто што го кажав на панелот на Бледскиот стратешки форум, не можам да го прифатам тоа како голем комплимент за форумот и панелот, вклучително и за мене. Но, сериозно, ова е незаслужено, напиша Рама на Твитер.
Тој му порачува на бугарското Министерство да си обезбеди беспрекорен превод.
Можеби некој треба да им помогне на нашите пријатели во бугарското МНР со беспрекорен превод на мојот одговор во Блед за тоа како Бугарија го блокираше отворањето на преговорите за членство за Албанија и Македонија, кога конечно сите останати се согласија, после осум години. Само ги повторив истите работи што ги кажав во јуни, наведува премиерот Рама.
За потсетување, Рама во Блед изјавил дека Бугарија ги зела како заложници Македонија и Албанија, додека сите други биле подготвени да им кажат „да“ по осум години.
Бугарија ги зеде како заложници Македонија и Албанија, додека сите други беа подготвени да ни кажат „да“ по осум години. Но, да се биде трагично оптимист значи дека е трагично да се чека осум години. Но, добро е да се биде оптимист, бидејќи за Македонија поминаа 17 години, па може да биде и полошо. Затоа подобро насмевнете се и продолжете понатаму. Значи Бугарија го создаде ова, а не Русија. Земја на НАТО која зема заложници уште две земји членки на НАТО додека војната започна, изјавил Рама, пренесе државната новинска агенција АТА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.