Членот на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ денеска ги повика функционерите од Хрватска да престанат да се мешаат во внатрешните работи на неговата земја.

По церемонијата на оддавање почит на децата убиени во Сараево за време на опсадата на градот од 1992 до 1995 година, Џаферовиќ, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека не сака да се расправа со оние кои постојано ја коментираат ситуацијата во БиХ, бидејќи тоа само дополнително придонесува за влошување на ситуацијата, а ги повика соседите да ја остават неговата земја на мира, пренесе „Хина“.

„Ги советувам нашите соседи, вклучително и Република Хрватска, да ја остават БиХ на мир. Ќе ги регулираме нашите односи онака како што мислиме дека треба да се регулираат. Ние сме независна, меѓународно призната држава и според Дејтонскиот мировен договор, тие имаат обврска да го почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ“, рече Џаферовиќ.

Денеска и претседателот на владејачката бошњачка Партија за демократска акција (СДА), Бакир Изетбеговиќ, ги осуди тврдењата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и водачите на ХДЗ во БиХ дека Бошњаците се обидуваат да ги спречат хрватските претставници да учествуваат во власта и да им ги ускратат уставно загарантираните права на Хрватите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.