Вонредна состојба е прогласена во српските градови Пријепоље, Сјеница и Нови Пазар поради обилни дождови и излевање на реки. Во Нови Пазар се трага по две лица. На реката Лим е изграден уште еден насип за заштита на селото Бродарево. Реката Бјелица се излеа и во драгачевските села, како и реките во Чачак и Тутин. Се излеа и Ибар во Косовска Митровица, а над 50 куќи во општина Звечан се поплавени, јавија српските медиуми.

Како последица на обилните врнежи кои траат повеќе од 15 часа на северот на Косово, реката Ибар се излеа во близина на главниот мост во северна Косовска Митровица. Во општина Звечан се излеаја потоци и реки, а поплавени се повеќе од 50 куќи.

Командирот на противпожарната станица во Звечан, Владан Радомировиќ вели дека ниту најстарите жители на Звечан не се сеќаваат на ваква состојба со поплави.

„Ситуацијата е најтешка во последните 50 години. Имаме големи проблеми со поплавите, а нивото на реката Ибар расте речиси на сите точки. Се е во опасност. Поплавени се повеќе од 50 куќи, моментално најмногу тешко е во Грабовац, каде имаше голем одрон кој исто така ги откорна бандерите и среќа е што тие не паднаа врз куќите, бидејќи ќе имаше жртви“, рече Радомировиќ.

Тој посочи и дека се ангажирани сите тимови, но и дека надлежните служби не можат се да постигнат бидејќи постојано добиваат нови пријави од граѓаните.

Патот кој води од северна Косовска Митровица и Звечани кон Зубин Поток е блокиран поради свлечиште и во моментов е непрооден, а како што јави Косово онлајн, во тек се обиди за негово оспособување и се очекува дополнителна механизација.

Вонредна состојба е прогласена и во Нови Пазар

Две лица кои паднале во реката Трнавица се водат како исчезнати и потрагата по нив се уште трае, додека лицето кое се обидело да ги спаси по интервенција на спасувачите е згрижено и е во добра општа здравствена состојба, потврдија од градскиот штаб за вонредни состојби.

Штабот донесе одлука за прогласување вонредна состојба на територијата на Нови Пазар.

Од штабот апелираат граѓаните да избегнуваат движење и престој во близина на реки и други водотеци, како и да не поминуваат по импровизирани мостови. Тие ги информираа средношколците на територијата на Нови Пазар кои живеат во загрозени подрачја дека се ослободени од обврската да посетуваат настава во втора смена



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.