Во интервал од само неколку часа, вчера попладне во Косово се случија четири потешки сообраќајни несреќи, во кои животот го загубија две лица, а повеќе од 20 други се повредени и пренесени во локалните болници и во Клиничкиот и универзитетски центар на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Несреќата во која загинаа две лица и уште три други се повредени, се случила околу 14 часот меѓу две патнички возила на патот Приштина – Глоговац (Дренас), кај глоговачкото село Глобар. Како што јавија косовските медиуми, во несреќата загинала млада жена и нејзиниот 7-годишен син.

Само еден час подоцна, исто така во општина Глоговац, кај селото Абриа, се случила друга собраќајна несреќа, во која се повредни 10 лица. Во оваа несреќа биле инволвирани дури пет возила.

Медиумите јавија дека околу 16 часот се случила уште една сообраќајка на магастралниот пат Приштина – Гњилане. Во судирот на две патнички возила се повредени седум лица, кои се пренесени во блиските, но и во државната болница во Приштина.

Две возила вчера се судрија и на патот Приштина – Митровица, при што беа повредени три лица, кои побарале лекарска помош.

Сите четири несреќи, во изјави за косовските медиуми ги потврдија портпаролите на полицијата за приштинскиот и митровичкиот регион, Агрон Бороци и Авни Захити, кои информираа дека, покрај болничките тимови, на местата на несреќите се излезени и надлежните полициски единици.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.