Во пресрет на расправата во Народното собрание на Република Српска во Бања Лука, членот на претседателството на БиХ од овој ентитет, Милорад Додик изјави дека Република Српска е заинтересирана за политичката и економската состојба во БиХ.

Како што истакна Додик, од тоа, во голема мера зависи и состојбата во Република Српска.

За жал, од таа ситуација и лошите односи во БиХ зависи и ситуацијата во Република Српска, а тоа се одразува и на одредени наши функции – нагласи Додик.

Тој најави дека ќе разговараат како и на кој начин би можело да се реши политичката криза во БиХ.

Од друга страна, слушаме дека треба да се укине Република Српска, ги слушаме оние кои мислат дека БиХ нема шанси или оние кои мислат дека треба да се формира трет ентитет и дека покрај Република Српска и другите два народи треба да имаат свој ентитет. БиХ е составена и од Република Српска и ние во неа го внесуваме нашиот суверенитет и нашите права. Ние од Република Српска не ја гледаме БиХ како унитарна и централизирана држава – порача Додик.

За денеска во Бања Лука е закажана посебна седница на Народното собрание на Република Српска (НАРС) на која ќе се расправа за „Политичката и економската состојба во БиХ“, а во документот доставен до пратениците се посочува дека политичката криза во институционалното функционирање на БиХ може да се надмине само со постојани и истрајни разговори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.