Српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина Милорад Додик потврди дека сецесијата на Република Српска му е најважната цел која се обидува да ја оствари и дека само чека погоден момент кога ќе го реализира тој проект.
„Јас сум вечен стражар на тоа прашање. Точно сега знам некоја констелација на односите која можеби би се поклопила во светот, Европа, Америка. Ако тоа се случи, во истиот момент ќе прогласам независност“, кажа Додик отворено за комерцијалната телевизија УНА.
Додаде дека стравува само од тоа дека би можел да го „преспие“ погодниот момент за отцепување на РС од БиХ и дека моменталната стратегија му е да покаже трпение за да избегне можна реакција на Западот за неговите планови.
Се пофали дека одржува добри врски со рускиот претседател Владимир Путин, кинескиот лидер Си Џинпинг, турскиот Реџеп Таип Ердоган и унгарскиот премиер Виктор Орбан, сугерирајќи дека тие му се можни сојузници во спроведувањето на плановите.
За на крајот тоа да се оствари, тврди Додик, важно е да не се дозволи на изборите во октомври да победи опозицијата која би го симнала од власта.
„Не смее да се дозволи да дојдат на власт западните фаворити. Тие веќе сметаат на тие кандидати на опозицијата“, кажа Додик истакнувајќи дека уште сега е целосно уверен во победата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.