Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, денеска во Москва ќе се сретне со неговиот руски колега Сергеј Лавров, а според грчкото МНР разговорите ќе се фокусираат на безбедноста во Европа, ситуацијата во Источна Европа и во Источниот Медитеран, како и билатералните односи.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, вчера во изјавата пред почетокот на Самитот ЕУ- Африка ја спомена средбата Лавров – Дендиас и најави дека министерот за надворешни работи на Грција „ќе ги повтори позициите на земјата, кои се и позиции на сите земји членки на Европската Унија“, но и истакна дека е голем интересот на Грција за случувањата во конкретниот регион, бидејќи во Украина живеат десетици илјади луѓе со грчко потекло.

Ова е трета посета на Дендиас на Русија во изминатите две години, а портпаролот на грчкото МНР, Александрос Папајоану, на брифинг со новинарите минатата седмица рече дека на средбата ќе се разгледаат низа теми поврзани со билатералните односи, но и регионални прашања. Тој истакна дека Грција е земја членка на НАТО и Европската Унија, но нејзиниот став е дека особено важно е одржувањето канали на комуникација со сите соговорници и додаде дека Русија ја сметаат „за клучен и составен дел на европската безбедносна архитектура“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.