Дел од продесничарската опозиција во Србија, партијата Заветници, како и лидерите на Двери, Демократската партија на Србија (ДСС), Народното слободарско движење и движењето Ослобоѓење, Бошко Обрадовиќ, Милош Јовановиќ, Мирослав Паровиќ и Млаѓан Ѓорѓевиќ, во текот на изборната кампања, го осудија гласањето на властите во Србија за резолуцијата на ОН со која се осудува руската инвазија на Украина, јави дописникот на МИА од Белград.
Српското движење Двери го оцени како „непријателски чин“ тоа што Србија во Обединетите нации гласаше за резолуција против Русија.
Владата во Србија де факто покажа дека е на страната на НАТО пактот, што е очигледен чин на предавство на српските национални и државни интереси – изјави лидерот на тоа движење Бошко Обрадовиќ, додавајќи дека НАТО предизвикува воени конфликти во светот.
Обрадовиќ, кој е и претседателески кандидат на Двери, порача дека Србија по смената на „власта на Вучиќ“ никогаш нема да работи против Русија, бидејќи тие се „пријателски и сојузнички“ земји.
Претседателот на Демократската партија на Србија, Милош Јовановиќ, кој е претседателски кандидат на коалицијата Национало-демократска алтернатива (НАДА), изјави дека Вучиќ ги загрозува виталните национални интереси на Србија и дека владата фрлила „страшна дамка на лицето на државата“.
Со оваа недостојно приклонување кон НАТО и западниот свет, актуелната српска власт покажа дека сите приказни за постоење на национална амбиција, суверено одлучување, независност на земјата и одлучноста и храброста на нејзиното раководство се мртва буква на хартија и мизерна политичка пропаганда – кажа Јовановиќ.
Српската партија Заветници соопшти дека ваквиот потег е доказ дека власта подлегнала на притисокот на САД и нивните сојузници и дека постои оправдано сомневање дека следен чекор е воведување санкции кон Руската Федерација.
Движењето „Ослобоѓење“ оцени дека тоа е срам за Србија, додавајќи дека е невистинито тврдењето на претседателот на Србија, Александар Вучиќ дека „можно е протерување на Русија од Обединетите нации“.
Претседателот на Народното слободарско движење Мирослав Паровиќ изјави дека причината зошто Вучиќ наместо да се воздржи од гласањето одлучил Србија да гласа против Русија е тоа што тој е „свесен дека САД и Европската унија ќе го покренат прашањето за личниот криминал и поврзаноста со големата корупција, со кои Србија е оштетена за неколку милијарди евра“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.