Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ ја коментираше најавата на Приштина дека ќе поднесе барање за членство на Косово во ЕУ, за што рече дека е потребен консензус „кој го нема во ЕУ“. Тој оцени дека станува збор за политичко-маркетиншки потег за внатрешно-политичка употреба во Косово, јави допсиникот на МИА од Белград.
-Пред само еден месец реков дека имаме информации дека Приштина ќе поднесе апликација за членство во ЕУ. Сметаме дека таквиот потег е двојно лош. Прво, затоа што е јасно дека нема единствен став во однос на статусот на Косово и Метохија, односно дека пет држави не го признаваат Косово и Метохија и дека досега не е евидентирано дека некој добил статус на кандидат за членство, а да го нема решено прашањето за статусот и второ затоа што во условите за апсолутно непочитување на сите договори од Приштина, невозможно е некој да размислува за тоа, рече Дачиќ.
Тој оцени дека е речиси невозможно некој да го прифати тоа во овие услови кога, како што вели, јасно е дека однесувањето на (косовскиот премиер) Албин Курти е еден од главните дестабилизирачки фактори во регионот.
Дачиќ додаде дека од чешкото претседателство зависи како европските претставници ќе се однесуваат понатаму – дали барањето ќе влезе во некоја процедура или ќе го чека следниот претседавач.
-Тоа се уште не е познато, но сигурен сум од разговорите што ги имавме со земјите кои не го признаваат Косово, а истото ми го кажа и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, дека тие се против тоа поради сите овие причини што ги спомнав и да, доколку дојде до изјаснување за тоа, тие би гласале против, рече Дачиќ.
Тој додаде дека дури и барањето на Приштина да влезе во процедура, што е можно, таа процедура подразбира дека Европската комисија ќе се изјасни за тоа во наредниот период од околу една година.
-Но, на крајот, за тоа повторно е потребен консензус, кој го нема во ЕУ. Затоа мислам дека тоа е повеќе политички и маркетиншки потег за внатрешно-политичка употреба во самото Косово, смета Дачиќ.
Тој ја коментираше и изјавата на американскиот специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој рече дека САД категорично се противат на враќање на српските сили на северот на Косово.
-Не знам зошто некој би бил против напишаното во резолуцијата 1244, а особено не е добро некој да зборува за тоа кои резолуции на ОН може и треба да се применуваат, а кои не, бидејќи тогаш тоа води кон селективност и двојни стандарди, изјави Дачиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.