Само 5.000 дози руска вакцина се препратени во пунктовите за вакцинација во Црна Гора од октомври минатата година, пишуваат медиумите во регионот.
Досега, според последните анализи се уништени 27.754 дози од различни производители, претежно од „Астра зенека“.
Речиси 35.000 дози од руската вакцина „спутник В“, чија важност истекува на крајот на овој месец, се неискористени, изјавиле од „Монтефарм“.
Од институцијата известуваат дека имаат на залиха 16.790 први дози од руската вакцина, како и 18.080 втори дози. Тие вакцини имаат рок на траење до 28 февруари годинава.
Последниот контингент со 40.000 дози од таа вакцина, што ја купи државата, пристигна во Црна Гора кон средината на октомври минатата година, што значи дека досега во пунктовите за вакцинација се препратени нешто повеќе од 5.000 дози.
За помалку од една година од почетокот на имунизацијата против коронавирусот во Црна Гора, вкупно 27.754 дози вакцини од различни производители се уништени поради рокот на траење.
Тоа го кажаа од „Монтефарм“ и објаснија дека вакцините на кои им истекол рокот веднаш по повлекувањето биле испратени до фирмата Хемосан од Бар, која се занимава со натамошна дистрибуција на медицински отпад за уништување, пренесуваат тамошните медиуми.
Црна Гора, според написите во медиумите, заостанува зад земјите од Европската Унија по процентот на вакцинирана популација. Некои европски земји одлучија да донираат вакцини пред истекот на рокот за некои земји од Третиот свет, каде што само неколку проценти од населението е вакцинирано.
Вакцинирањето на приоритетните групи во Црна Гора започна во февруари минатата година, кога од Србија пристигна донација од 2.000 дози од руската вакцина „спутник В“. Масовната имунизација започна на 4 мај, откако државата набави 200.000 дози од вакцината на „Синофарм“.
Во Црна Гора досега пристигнале околу милион дози вакцини. Вакцините од седум производители им беа достапни на граѓаните изминатава година.
Сепак, интересот за вакцинација сè уште не е на ниво на развиените, европски и некои земји од регионот.
До вчера првата доза ја примиле 286.972 лица или 46,3 отсто, а втората 277.718 или 44,8 отсто од вкупното население. Според Институтот за јавно здравје, 89.310 лица примиле трета или бустер доза во Црна Гора.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.