Комисијата за надворешна политика на Народното собрание на Бугарија денеска ја усвои декларацијата за односите со Македонија, предложена од крајнодесничарската партија „Преродба“, пренесува државната новинска агенција БТА.

Партиите застапени во парламентот најдоа консензус и се обединија околу текстот на декларацијата, која со мали амандмански корекции е едногласно усвоена во комисијата.

Претседателот на Комисијата за надворешна политика и лидер на ГЕРБ Бојко Борисов, најави дека декларацијата ќе биде усвоена од Народното собрание на Бугарија на пленарна седница, денеска (26 септември).

Најважното што го даваме како знак е дека бугарските политичари, бугарската држава, сите партии се обединети кога е во прашање добрососедството меѓу двете земји и секој што ќе го прекрши треба да си сноси одговорност, изјави Борисов.

Повод за вонредниот состанок и усвојувањето на декларацијата, како што се наведува, „се низата антибугарски изјави на водечките политичари во Република Cеверна Македонија, кои имаат за цел да ги минираат билатералните односи и да ја претстават Бугарија во лошо светло пред европските партнери“, како и „одбивањето на РСМ да ги исполни условите предвидени во преговарачката рамка, што ќе и овозможи на земјата да започне вистински процес на преговори за европска интеграција“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.