Бугарскиот претседател Румен Радев ги потпиша измените и дополнувањата на законот за ЛГБТ пропаганда со кој во бугарските училишта се забранува каква било образовна програма за „нетрадиционална сексуална ориентација“, и покрај повиците од Советот на Европа да стави вето на амандманите.

Амандманите ги иницираше проруската партија Препород, а усвоени се со помош на ГЕРБ и проруската БСП. Амандманите беа усвоени минатата недела, по само две читања, а во „Државниот гласник“ беа објавени во петокот.

Според измените на законот, секоја образовна програма во училиштата која се однесува на „нетрадиционална сексуална ориентација“ ќе биде означена како ЛГБТ пропаганда.

Според законот, „нетрадиционалната сексуална ориентација“ е дефинирана како „различна од општоприфатените норми, содржани во бугарската правна традиција“, кои се однесуваат на емоционална, романтична, сексуална или сензуална привлечност меѓу лица од спротивниот пол, пренесува Еуроактив.

Донесувањето на измените на законот ги отфрли претходниот парламент на Гугарија, но ги усвои актуелниот.

По потпишувањето на законот, кабинетот на Радев соопшти дека „шефот на државата изрази став за измените и дополнувањата на Законот за претшколско и школско образование со потпишување на указот за негово прогласување“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.