Софија треба да ја ревидира позицијата кон Скопје, смета бугарскиот европратеник и известувач за  Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук.

Според него, евроинтеграцијата на Македонија и другите балкански земји може само да придонесе Бугарија и целиот регион да се чувствуваат посигурни, особено во ситуација на воен конфликт на европскиот континент.

– Стратешки интерес на Бугарија е да се граничи со демократски земји кои можат да обезбедат простор на безбедност, просперитет и можности. Другото не можам да си го објаснам. Секогаш тенденциозно им се дава гласност на луѓето кои сакаат Македонија да не биде дел од Европската Унија. Политиките треба да се градат на малку подолг временски период. И ако погледнеме низ оваа призма на односите меѓу Софија и Скопје, ми се чини дека ќе најдеме многу посериозни аргументи Република Македонија да биде дел од Европската Унија, истакнува Ќучук.

Многу е тешко, посочува бугарскиот европратеник, да им се објасни на европски партнери кои се причините за запирање на патот на Македонија кон Европската унија, особено откако од Бугарија произлезе идејата за нејзино проширување кон Западен Балкан.

За известувачот на Република Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, европските гаранции се единственото решение за отворените прашања, пренесува БНР.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.