Во Бугарија денеска е молк пред утрешните шести парламентарни избори во изминатите три години. Бугарите утре ќе гласаат и за пратеници во Европскиот парламент.

На двојните избори се пријавени 6.518 кандидати, 6100 за националниот парламент, а 418 кандидати за 17 пратенички места што и припаѓаат на Бугарија во Европскиот парламент.

На парламентраните избори ќе учествуваат 32 политички формации – 20 партии, еден независен кандидат и 11 коалиции, кои ќе се борат за 240 пратенички места во бугарскиот парламент.

Право на глас на изборите за Националното собрание имаат 6.593.275 гласачи, а за пратеници во Европскиот парламент 6.138.050.

Надвор од државата ќе се гласа во 60 земји, на 769 избирачки места. Бугарите во странство ќе можат да гласаат на 166 избирачки места во Турција, на 118 во Обединетото Кралство, 103 во Германија, 64 во Шпанија, 55 во САД, 28 во Грција, 27 во Италија, 24 во Холандија, 16 во Канада, 15 во Франција, на шест во Сверна Македонија, на четири во Србија,…

Избирачките места ќе бидат отворени од 7:00 до 20:00 часот.

Најголеми шанси за победа на изборите му се даваат на поранешниот премиер Бојко Борисов и неговата партија ГЕРБ. Според предизборните анкети, ГЕРБ ќе освои околу 25 отсто од гласовите, што е десет отсто повеќе од коалицијата „Продолжуваме со промените/Демократска Бугарија“ (ПП/ДБ) на Кирил Петков и Христо Иванов.

Близу 15 отсто се и националистичка партија „Преродба“ на Костадин Костадинов и партијата на Турците во Бугарија, Движењето за права и слободи, предводено од Делјан Пеевски, поранешен медиумски магнат кој е на „црната листа“ на САД и Велика Британија поради корупција. За Бугарската социјалистичка партија (БСП) ќе гласаат околу девет проценти, а на граница за влез во Парламентот со близу шест отсто е Има таков народ (ИТН) на Слави Трифонов.

Слични резултати се предвидуваат и за изборите за Европскиот парламент.

Одѕивот на гласачите на предвремените избори за национално собрание се очекува да биде околу 40 отсто.

Бојко Борисов најави дека веќе нема да се кандидира за премиер, но вети дека ќе се обиде да состави коалиција за да стави крај на политичката нестабилност.

Во случај на неуспех, наесен би можело да се организираат нови избори, што според аналитичарите е многу веројатно сценарио.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.