Пред руската Амбасада во Бугарија денеска се одржа бдеење со свеќи, јави дописникот на МИА од Софија.
Организатор на настанот беше Иницијативата „Иднина со памет“.
Учесниците категорично изјавија дека местото на Бугарија е во Европа, а не во Евроазија и се изјаснија за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Тие се изјаснија и против агресивното однесување на режимот на рускиот претседател Владимир Путин.
Учесниците носеа транспаренти „Стоп за војната“ и „Стоп за Путин“.
Пред руската Амбасада се носеа и украински знамиња.
Учесниците зборуваа во одбрана на жртвите на администрацијата на рускиот претседател Владимир Путин. Нивниот протест беше и против дејствијата на Русија кон суверенитетот на Украина.
Руските граѓани кои не се согласуваат со владата на Путин и со години живеат во Бугарија протестираа минатата сабота против амбициите на Кремљ да изврши инвазија на независна Украина.
Дописникот на МИА од Софија додава дека Иницијативата „Иднина со памет“ е сојуз на бугарски граѓани, организации и партии со десничарски и демократски ставови, мотивирани да го чуваат и промовираат споменот на жртвите од комунизмот во Бугарија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.