Бродот кој во јануари годинава ѝ испорача 500 килограми кокаин на Црна Гора, а кој беше откриен во компанијата „Воли“, во текот на 2020 година дури четири пати впловил во пристаништето Бар, соопшти црногорската влада.

Станува збор за бродот „Spirit of Chennai“ кој се наоѓа на списокот со пловни објекти со датум на влез во пристаништето Бар од 1. јануари до 31. декември 2020 година.

Официјален државен документ објавен на веб-страницата на црногорската влада покажува дека бродот „Spirit of Chennai“ на пристаништето Бар впловил дури четири пати во текот на 2020 година.

Списокот е објавен на барање на НВО, Мрежа за афирмирање на невладиниот сектор (МАНС).

Списокот на впловувања содржи датум, време на пристигнување, име на бродот и знамето под кое плови.

Овој брод тогаш пловел под знамето на Португалија, објави порталот RTCG.

Истиот брод, кој пловел од Еквадор, со 70 контејнери со банани, впловил во пристаништето Бар на 2. јануари годинава, кога цариникот открил дека еден од контејнерите содржи сомнителен товар, по што е пријавено во полиција.

Сомневајќи се дека во контејнерот покрај бананите има кокаин, Управата за приходи и царина во договор со полицијата решиле да го следат сомнителниот товар до крајната дестинација.

Откако сомнителниот товар на 11. јануари пристигнал во магацинот на „Воли“, еден од најголемите трговски синџири на супермаркети во Црна Гора, работниците кои ги забележале сомнителните пакети го известиле раководството на компанијата која повикала полиција.

Полицијата запленила пакувања во кои бил откриен кокаин.

Бродот пловел под знамето на Португалија.

Специјалното државно обвинителство (СДТ) покренало кривична постапка против шпедитерот Д.Ј.Д. поради сомнение дека е член на меѓународна криминална група за која постои сомневање дека е формирана со цел шверц на кокаин од Јужна Америка во Европа, а која дејствувала и во Црна Гора.

Сепак, не е јасно на што се засноваат обвиненијата против него. Истрагата е во тек.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.