Вршителот на должност во словенечката амбасада во Украина, Боштјан Лесјак пристигна вчера во Киев, а од денеска ќе почне со работа, објави словенечката Влада на својот твитер-налог откако амбасадата на оваа земја се пресели во Полска поради руската инвазија врз Украина.

Градот е празен, во далечина се слушаат сирени и детонации, но животот за оние што останаа во главниот град се одвива нормално, истакна Лесјак по пристигнувањето во Киев.

Лесјак е потполковник во словенечката армија, кого Владата го префрли во дипломатска служба и го испрати во Киев како израз на морална поддршка за украинската Влада, откако никој во словенечкото Министерството за надворешни работи не се пријави за таа мисија.

Премиерот Јанез Јанша изјави дека словенечкото дипломатско претставништво во Киев ќе дејствува „со целосно овластување“ за време на вонредната состојба во Украина и ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека тоа е ризичен потег и дека е испратена „вооружено-дипломатска мисија“ во Украина.

Според наводите на медиумите, Лесјак веќе дејствувал како цивилен член на набљудувачката мисија на ОБСЕ во Украина, во регионот на Донбас, од 2015 до 2019 година.

Словенечкиот амбасадор во Украина Томаж Менцин, кој се повлече во градот Жежов во Полска по почетокот на руската агресија врз Украина, таму „продолжува со својата работа“, соопшти словенечкото Министерство за надворешни работи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.