Актуелната премиерка на Србија, Ана Брнабиќ, по се изгледа нема да остане на чело на Владата на Србија. Како што дознава дневниот весник „Нова“, Брнабиќ е најсериозен кандидат за преземање на функцијата претседател на српското Собрание, јави дописникот на МИА од Белград.

Србија до крајот на летото треба да има нова Влада, а како што сега стојат работите Брнабиќ повеќе нема да го има главниот збор во Немањина 11 (Владата), објави Нова.рс.

Како што дознава весникот, нејзината нова улога ќе биде во Парламентот, каде на претседателската функција ќе го наследи Ивица Дачиќ.

Конститутивната седница на Собранието на Србија треба да се одржи на крајот на јули или во првите денови од август, по што ќе се гласа за новиот претседател на Парламентот.

Брнабиќ се споменува како прв избор на Вучиќ за таа функција и тоа е веќе познато во владејачката коалиција на Српската напредна партија (СНС), изјави неименуван извор за Нова од СНС.

Белградски медиуми пред два дена соопштија дека министерот за финансии Синиша Мали е најсериозен кандидат за нов премиер на Србија, наведувајќи дека тој веќе го пишува експозето.

Точно е дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека има четворица кандидати за мандатарската позиција, од кои двајца се познати на јавноста, двајца не, а меѓу нив има и непартиски експерти, но се чини дека во овој момент министерот Мали е на прагот да стане прв човек на Владата, објави весникот Данас, повикувајќи се на извор од актуелната власт.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.