Премиерката на Србија Ана Брнабиќ изјави денеска дека на ЕУ и на САД им е „целосно јасно дека косовскиот премиер Албин Курти не почитува ниту еден договор и загрижени се што ќе се случи во наредниот период“, јави дописникот на МИА од Белград.

Дури и германскиот пратеник за Западен Балкан и дијалог меѓу Белград и Приштина, Мануел Сарацин, во јули изјави дека српскиот народ исклучително страда на Косово, изјави Брнабиќ за телевизијата Пинк.

Таа изјави дека значително е зголемен бројот на луѓе од ЕУ и САД кои се загрижени „што ќе се случи во наредниот период“.

Мислам дека се целосно свесни дека Албин Курти не само што ќе продолжи со провокациите, туку дека ќе го подигне на ново ниво бидејќи полека му истекува времето. На сите им е јасно дека ништо не направил и дека нема ништо од Бриселскиот договор, кој не го ни спомнува, додаде Брнабиќ.

Таа изјави и дека синоќа американската администрација испратила предупредување и потсетување дека Бриселскиот договор мора да се „имплементира“ и дека Заедницата на српските општини мора да се „спроведе“.

Курти излезот од тоа го гледа во предизвикување конфликт. И тоа им е јасно и очигледно на сите од САД и ЕУ и постои голема загриженост. Нашата позиција нема да биде воопшто лесна. Септември ќе биде доста тежок во таа смисла, рече таа.

На прашањето за Бледскиот стратешки форум, на кој учествуваше на еден од панелите, меѓу другите и со Курти, Брнабиќ рече дека „страшно е чувството да седите со некој што го малтретира вашиот народ и не почитува никаков договор“ и потсети дека од почетокот на годината на Косово беа убиени шест Срби.

И тогаш имате личност која создаде атмосфера за такво нешто, експлицитно не само што дозволи, туку и поттикна ваков чин на насилство врз српскиот народ на Косово и кој ви вели – „Ние сме лидери во областа на владеење на правото“, рече Брнабиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.