Поранешниот бугарски премиер и лидер на партијата ГЕРБ, Бојко Борисов, сака да формира коалиција и да состави влада со неговиот најголем политички ривал Кирил Петков, односно со коалицијата што тој ја предводеше за парламентарните избори одржани на 2 април.
Коалицијата ГЕРБ-СДС на изборите победи со тесна разлика пред партијата на Петков – Продолжуваме со промените (ПП) која настапи заедно со Демократска Бугарија (ДБ).
Во 240-членото Народно собрание, коалицијата на Борисов освои 69 пратенички мандати, а таа на Петков само пет помалку.
Сакам да формирам влада со ПП-ДБ. Имаме многу јасни задачи – влада меѓу овие две партии, даваме сè од себе. Денеска ќе формираме две комисии од двете групи – правна и финансиско-буџетска за разгледување на буџетските програми. Наш главен приоритет е влада меѓу ГЕРБ и ПП. Подготвени сме на многу компромиси – изјави денеска Борисов.
Првата седница на новиот состав во Народното собрание се одржа вчера, но вчерашниот ден заврши без да се избере претседател. Одложувањето на изборот, според Борисов, е многу важно за да може двете партии да разговараат и да постигнат договори.
Додека лидерот на ГЕРБ отворено повикува на владина коалиција со Продолжуваме со промените, од оваа партија досега излегуваа со изјави дека немаат намера да влегуваат во ваква коалиција.
Асен Василев, кој со Петков се копретседатели на ПП, денеска повтори дека нема да поддржат владин кабинет во кој ќе биде и ГЕРБ.
Изборите на 2 април беа петти во период од две години бидејќи ниту една партија не можеше да направи солидна предност и да формира стабилна влада.
Во пресрет на изборниот ден, Бугарската национална телевизија (БНТ) објави анкета во која дури 48,3 отсто поддржуваа коалиција помеѓу првите две партии на изборите, во случајот, коалициите ГЕРБ-СДС и ПП-ДБ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.