Високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ Жосеп Борел изјави дека делегациите на Белград и Приштина денеска не постигнале договор во дијалогот во Брисел, но оти е договорено разговорите да продолжат наредните денови.

Тој истакна дека до 1 септември за кога беше одложена одлуката на Приштина за пререгистрација на возилата и личните документи, има уште време, нагласувајќи дека нема да се откаже од потрагата по решение.

Не постигнавме договор, но тука не е крајот на приказната. Двајцата лидери се согласија дека процесот треба да продолжи следните денови“, рече Борел на прес-конференцијата по денешните разговори во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина, на кој учествуваа српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.

Борел посочи дека лидерите се согласуваат разговорите да продолжат и да бараат решение за смирување на ситуацијата на Косово.

Тој рече дека ова е критичен момент за Европа по рускиот напад на Украина, оти е многу драматичен и опасен момент за континентот, како и дека „не е време за зголемување на тензиите, туку за барање решение“.

Шефот на европската дипломатија уште нагласи дека јасно им ставил до знаење на двајцата лидери дека крајната цел на Европската унија е да се најде начин за напредок, а првиот чекор е да се бара решение за актуелната ситуација.

Средбите денеска траеја долго. Најважно е што се согласивме дека мора да работиме заедно, одговорно, политички интелигентно, за да најдеме заемно прифатливо решение што ќе донесе стабилност и безбедност за граѓаните во регионот, но и за Европа во целина. Наша должност е да продолжиме со дијалогот – рече Борел



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.