Во 18 часот пред Собранието на Србија започна нов протест „Србија против насилството“, петти по ред по трагедиите во белградското основно училиште и во две села кај Младеновац. Намерата на демонстрантите е во поворката од српскиот парламент да го опколат квартот каде што се наоѓа седиштето на претседателот на Републиката.
Денешниот протест можеби е уште помасовен поради острите реакции во јавноста откако претставници на владејачката Српска напредна странка во српскиот парламент ги нарекоа „ѓубриња“ актерите кои ги поддржаа демонстрантите и нивните барања. Оваа недела актерите објавија проглас во кој оценките на претставниците на СНС ги нарекуваат насилство.
Актерот и режисер Драган Бјелогрлиќ вечерва рече дека мисли оти денес има повеќе демонстранти од кога било.
„Посебно сакам да им се обратам на младите во Србија, пред еден месец бевме опфатени со трагедија каква што нашите луѓе не помнат. Трагедија која никогаш нема да ја преболиме и не треба да ја преболиме. Сите наши порази и несреќи , сите злосторства што сме ги направиле на другите и самите нас го допреле дното, а ако има дно, го допревме тој ден“, рече Бјелогрлиќ. „Тоа што вие младите излеговте на улица, што не сакате да живееме во ова соголено општество, дава надеж дека ќе се издигнеме од тоа дно“, рече Бјелогрлиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.