Шумските пожари кои неколку дена беснеат во Грција стигнаа и до населени места. Пламените проголтаа неколку куќи во приморските места. Особено драматично е во Саронида и Лутраки, сообраќајот е во во прекин на некои места, на некои линии е запрен и железничкиот сообраќај, а од камп во близина на Атина се евакуирани 1.200 деца поради опасноста од ширење на огнената стихија.

Борба со пожарите во тој дел од земјата водат 120 пожарникари, со четири пешадиски единици и 43 возила. Освен на копно, врз огнот се дејствува и од воздух со пет авиони и хеликоптер. На располагање се ставени уште четири авиони и еден хеликоптер.

Извештаите покажуваат дека над 1.000 хектари на шума, борови и нискостеблести растенија се претворени во пепел. Покрај детскиот камп кај Атина, евакуирани се и 30.000 жители кои се најдоа под директна опасност по нивните животи.

Покрај Саронида и Лутраки, противпожарни и спасувачки тимови, но и единици на грчката армија се обидуваат да стават под контрола пожари кои избиваат на повеќе локации, во источна Атика, Капарели и во Дервенохори. Против нив се и екстремно високите температури и силниот ветар. Според прогнозите, силниот топлотен бран кој го погоди регионот не покажува знаци на ослабување, грчката метеоролошка служба предупреди дека ризикот од раширување на постоечките пожари и појава на нови е висок.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.