Синдикатот на државните службеници на Грција (АДЕДИ) од утрово е во еднодневен штрајк со барање за зголемување на платите за 10 отсто поради високите цени, бидејќи некои нови цени во Грција се драстично повисоки од цените на истите производи на други места во ЕУ.

По генералниот штрајк на сите синдикати на крајот на февруари, Конфедерацијата на вработени во приватниот сектор (ГСЕЕ) во април имаше 24-часовен штрајк од истите причини.

Во писмото до претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, премиерот Киријакос Мицотакис побара „повеќе транспарентност“ на единствениот пазар на ЕУ, укажувајќи дека тоа е еден од приоритетите на граѓаните пред изборите за европратеници на 9 јуни.

„Клучно е“ „ЕУ да докаже дека е способна да ги постави вистинските приоритети“, вклучително и заштита на потрошувачите пред високите цени, напиша Мицотакис во писмото испратено во саботата и објавено во понеделникот.

Мора да се преземат храбри мерки за да се обезбеди единствениот пазар да функционира со поголема конкуренција и транспарентност во корист на потрошувачите“, посочи Митотакис три недели пред евроизборите.

Соочен со незадоволството на граѓаните во Грција, тој бара Брисел „одлучно, брзо и ефикасно да интервенира“ за да се регулира единствениот пазар.

Според него, „неодамнешната инфлаторна криза доведе до значително намалување на куповната моќ на европските граѓани и ја истакна асиметричната моќ на мултинационалните компании во однос на диференцирање на ценовните политики“.

Куповната моќ и инфлацијата се главните грижи на Грците пред европските избори.

Според Мицотакис, во одредени земји како Грција, основните производи за широка потрошувачка се продаваат поскапо отколку во другите земји на ЕУ поради „територијалните ограничувања за снабдување наметнати од големите мултинационални компании“.

Станува збор за тоа што големите мултинационални компании се договориле да ги приспособат цените според големината на пазарот во земјата, а тие се пониски на големите пазари бидејќи таму имаат конкуренција, а повеќе на малите каде што има помала конкуренција.

Митотакис предлага мерки за „спречување на политиката на одредени мултинационални компании да продаваат исти или слични производи за широка потрошувачка под различни брендови во различни земји-членки, што им овозможува да имаат различни цени“ и повикува на „забрана на нефер комерцијалните практики“.

Во април потрошувачките цени во Грција пораснале за 3,1 отсто, во споредба со истиот месец лани, при што цените на храната пораснале за 5,4 отсто – покажуваат податоците на грчката статистичка служба „Елстат“.

Високите трошоци за живот го зголемија социјалното незадоволство во Грција, каде според европската статистичка служба на ЕУ, „Евростат“, платите се само на 21 место меѓу 27-те земји од ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.