„Ние обрнуваме сериозно внимание на тоа дека има проблем, а од другата страна велат, не, нема проблем, нашата држава е идеална. И тука нема како да се разбереме“, вели бугарскиот амбасадор во Македонија, Ангел Ангелов.
Од Обвинителството во Охрид соопштија дека Христијан Пендиков бил нападнат од омраза. Потоа следуваше посетата на министерот за надворешни работи Бујар Османи во болницата – така што ние се движиме според официјалните информации во овој случај, изјави за БНТ Ангелов, кого властите во Софија времено го повлекоа од земјава по случајот со претепувањето на охриѓанецот Пендиков и изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека е можно на некои бугарски политичари да им се забрани влегувањето во Македонија.
„Гледам дека обвинителството еволуирало и сега се вели дека мотивите на делото сѐ уште се нејасни. Ја чекаме вистинската истрага од обвинителството и потоа го чекаме судот“, додаде Ангелов.
Според него, „ова ѕверство пораснало со секакви шпекулации и „лажни вести“ – дека Христијан бил наркодилер, дека станува збор за тепачка меѓу различни дилери и слично, а во исто време тој си заминал од Македоија со својот странски пасош, бидејќи немало обвинение против него за да му се одземе пасошот“. Амбасадорот откри дека на крајот на декември, Пендиков поднел барање за добивање бугарско државјанство, кон кое е приложено уверение за неосудуваност издадено од судот во Охрид.
Затоа велам дека се страшни тие шпекулации и ние треба да го расчистиме тоа. За нас, нападот се случил поради омраза, како што и соопшти обвинителството од Охрид, рече Ангелов.
Во моментов Христијан е стабилен по операцијата, рече Ангелов, но долго време нема да може да консумира цврста храна.
Амбасадорот вели дека од лани летото „почнал да ескалира радикалниот говор против Бугарите во Makedonija“, а тие неколкупати се обиделе за тоа да реагираат до властите во Скопје, за тие да преземат некакви мерки.
Овој радикален говор, особено на социјалните мрежи, доведе и до нападот со камења врз клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид, потоа до пукањето врз клубот и кулминираше со овој физички напад врз Христијан, додаде Ангелов.
На прашањето, кој „го пали огнот“, Ангелов одговори:
Тоа е сложено да се каже, но тоа што го гледам во моментов е следното: дека ние разговараме на различни јазици (метафорично) двете држави и тоа е многу сериозен проблем. Ние обрнуваме сериозно внимание на тоа дека има проблем, а од другата страна велат, не, нема проблем, нашата држава е идеална. И тука нема како да се разбереме. Мислам дека некаква деескалација треба да се постигне и таа треба да биде во насока да се адресираат стравовите и проблемите на Буугарите во Македонија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.