Амбасадорот на САД во Косово Џефри Ховениер изјави дека барањата на неговата земја кон Владата на Косово немаат врска со притисоци и дека САД се заинтересирани само за напредок, а на косовските власти е како ќе ги решат изборите на северот на земјата.

– Прашањето како ќе се одржат изборите на север е внатрешно прашање за Косово. Дали тоа ќе се направи со оставка на градоначалниците на општините или преку процес во кој гласачите гласаат за смена на актуелните градоначалници (со петиција)…ние сме заинтересирани само да видиме напредок, истакна денеска Ховениер за време на разговорот со новинарите во Приштина, пренесува РСЕ.

Србите во Звечан, Северна Митровица, Зубин Поток и Лепосавиќ ги бојкотираа априлските избори и не ги прифаќаат градоначалниците Албанци, кои со помош на полицијата на крајот на мај влегоа во општинските згради.

Американскиот амбасадор во Приштина, исто така, истакна дека има несогласување со Владата на премиерот Албин Курти околу „некои конкретни прашања“. Тој прецизираше дека е одлука на Владата да внесе градоначалници Албанци во општинските згради на северот, придружувани од полицијата. Затоа, како што рече, односите меѓу Косово и САД биле „измешани“.

„Го почитувам правото на премиерот (на Косово) да носи свои одлуки и да одредува што мисли дека е најдобро за неговата земја. Тој е демократски избраниот премиер на демократска држава“, рече Ховениер.

Сепак, како што додаде, САД даваат совети и сугестии за да се избегнат тензии и проблеми кои ја попречуваат работата на имплементацијата на Охридскиот договор, со што треба да се постигне нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

– Понекогаш има последици за него (Курти), кога нема ниво на координација или соработка, или кога нашите совети не се земаат предвид или не се постапува по нив, рече амбасадорот.

Сепак, нагласи амбасадорот, „не треба да има сомнеж и се надевам дека е многу јасно: САД се силно и долгорочно посветени на народот на Косово“.

– Затоа бараме од Косово веднаш да го спроведе Охридскиот договор. Да тргнеме брзо, смислено, да ги унапредиме преговорите за формирање Заедница на општини со српско мнозинство, додаде тој.

Ховениер рече дека САД се залагаат за процес на деескалација, односно за одржување избори во четири општини на северот на Косово, каде живее мнозинско српско население.

„Загрижени сме за ситуацијата на северот на Косово и побаравме од Владата да преземе мерки. Исто така, побаравме од Владата на Србија да преземе мерки за да се постигне деескалација на северот на Косово. Сакаме да избегнеме немири, закани со насилство и други работи кои ја попречуваат нашата способност да соработуваме со партии со фокус на стратешките цели, а тоа е целосно спроведување на Охридскиот договор, од двете страни“, потенцираше тој.

Србите кои ги бојкотираат градоначалниците од албанска националност, избрани на изборите во општините со мнозинско српско население на северот на Косово, протестираат секој ден речиси три месеци, барајќи градоначалниците да не доаѓаат на работа и специјалната единица на косовската полиција да се повлече од северот на земјата.

Во меѓувреме, Косово постигна договор со Европската Унија за деескалација на северот, кој предвидува постепено повлекување на косовската полиција од и околу општинските згради и организирање нови избори. Досега врз основа на одлуката на Владата на Косово се повлечени околу 50 отсто од полицајците, додека во тек е изработка на административни упатства врз основа на кои ќе може да се распишат вонредни избори во општините на северот.

Американскиот амбасадор потсети дека Косово се обврза да го исполни договорот со ЕУ и дека САД ја поздравуваат таквата одлука и ја гледаат како позитивен чекор кон деескалација.

– Без напредок во дијалогот (со Србија) со посредство на ЕУ, Косово нема да може да стане членка на ЕУ, Косово нема да може да напредува кон приклучување кон Партнерството за мир, рече Ховениер.

Тој оцени дека барањата на САД и другите партнери се легитимни имајќи ја предвид поддршката што му ја даваат на Косово и додаде дека една од најголемите стратешки цели е „Косово да го заземе своето место во европските и евроатлантските структури“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.